Скандинавски и американски музичари доминираат во четиридневната програма на 42. Скопски џез фестивал, кој ќе трае од 19 до 22 октомври.
Фестивалот го отвораат норвешките џезери Јан Банг и Арве Хенриксен заедно со оркестарот на институтот ФАМЕ, а диригент ќе биде Џијан Емин, кој ги подготви и аранжманите за овој проект наречен „После пожарот“. Истата вечер ќе настапи и ансамблот на американскиот композитор, пејач и поет Бен Ламар Геј.
Во продолжението ќе настапат музичари од САД, Италија, Шведска, Словенија, Велика Британија, Шпанија, Норвешка, Данска, Полска и Бразил, како и македонскиот бенд „Кобалт код јунит“.
Во рамките на фестивалот ќе се прикажат и два документарни филма, „Art Pepper: Notes from a Jazz Survivor“ и „Music for Black Pigeons“ и ќе има промоција на новиот албум на Филип Букршлиев.