АМЕРИКАНСКИ РОК БЕНД ИСФРЛИ 60 ФАНОВИ ОД КОНЦЕРТ ЗАТОА ШТО СЛИКАЛЕ

Њујорк, (НМЕ)

Десетици луѓе биле исфрлени од концерт на американски рок бенд, откако го прекршиле неговото стриктно правило да нема сликање.

„Перфект сркл“, предводени од пејачот на „Тул“, Мејнард Џејмс Кинен, свиреле во Рединг, Пенсилванија, кога над 60 фанови биле принудени да ја напуштат салата, затоа што фотографирале за време на концертот.

Дека сликање и снимање видеа е забрането, било јасно истакнато на секое седиште.

„Ова не е ново правило. Тоа е 110% правилото на групата“, потврди менаџерот на салата, Дејвид Фарар.

Еден фан на Фејсбук се пожали на грубиот однос на обезбедувањето.

„Бев исфрлен од салата од шестмина локални полицајци. Без предупредување. Одам на концерти 35 години и ова го немам доживеано“.

„Нема снимање на каков било начин. Така е веќе 25 години. Исклучете се и уживајте“, уште еднаш порача Кинен по инцидентот.