„АМОРФИС“ ПО 21 ГОДИНА ПОВТОРНО СВИРИ ВО СКОПЈЕ СО ИСЛАНЃАНИТЕ „СОЛСТАФИР“ КАКО СПЕЦИЈАЛНИ ГОСТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од најпопуларните фински метал бендови „Аморфис“ на 26 октомври почна нова етапа од својата европска турнеја „Хало“, чија следна станица е Скопје. Концертот ќе се одржи вечерва во Младински културен центар.

Аморфис“ се враќа во Македонија по цели 21 година, откако беше дел од четвртото издание на Таксират, што се одржа на Скопски саем. Тоа беше втората ера на групата со Паси Коскинен како вокал, кого две години по настапот во Скопје го замени Томи Јоутсен, кој пее на последните осум албуми.

Основан од гитаристите Еса Холопаинен и Томи Коивусари, „Аморфис“ се појави на метал сцената во 1990 година. Оттогаш објави 14 албуми и повремено експериментираше со звукот, како што беше вклучувањето на саксофонот на некои песни, но секогаш остана во врвот на сцената.

Вратите на МКЦ се отвораат невообичаено рано за македонските услови, во 18:30 часот, затоа што загревањето со првиот бенд „Лост сосаети“, уште едни Финци, почнува во 19:15 часот.

Аморфис“ стартува во 21:30 часот, а во меѓувреме, од 20 часот, е настапот на специјалните гости од Исланд, пост-рок/метал бендот „Солстафир“, кој стана респектабилно име во изминатите десетина години.

Концертот е во организација на „Пасворд продукција“ и претставува најава на 25. издание на Таксират.

Г. КОНЕВ