Прославениот италијански тенор Андреа Бочели ќе пее во катедралата Дуомо во Милано в недела на Велигден, со цел на светот да му испрати пораки на љубов и надеж во време на пандемијата на коронавирусот.
Тој вели дека тоа нема да биде концерт, туку молитва.
„Добив покана од градоначалникот на Милано и од црковните власти и се разбира дека прифатив. Тоа нема да биде настап, нема да биде концерт, тоа ќе биде молитва. Би сакал сите што ќе ме слушаат да се молат заедно со мене“, изјави 61-годишниот Бочели.
Тој ќе пее во придружба на органистот Емануеле Вијанели, но не и пред публика, имајќи предвид дека историската катедрала сега е затворена за посети. Настапот ќе се пренесува во живо на Јутјуб каналот на Бочели, со почеток во 19 часот.
„На репертоарот ќе бидат некои од најубавите дела од свети уметници“, откри Бочели.