АУДИО-ВИДЕО ПЕРФОРМАНС НА ФИЛХАРМОНИЈАТА СО КОНТРАБАСИСТОТ ЦИНЦИЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Хармонија мунди“ е насловен утрешниот концерт на Македонската филхармонија од 20 часот, под диригентство на Емил Табаков од Бугарија.

Филхармонијата го најавува концертот како атрактивен видео-аудио перформанс, каде ќе биде изведено делото „Планети“ од Густав Холст, придружено со видео-анимација на Милчо Узунов од студиото „3Д“.

Во изведбата на „Планети“ ќе учествува и хорот „ПроАрс“, подготвен од диригентот Сашо Татарчевски.

Солист на концертот е македонскиот контрабасист Ѓорѓи Цинциевски, кој ќе го изведе Концертот за контрабас и оркестар од Табаков. Вечерта ќе биде изведено уште едно дело на Табаков, „Астрална музика“.

Цинциевски по завршувањето на студиите во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на Благој Маротов, продолжува да се образува во Манчестер, каде дипломирал и магистрирал.

Соработувал со водечки светски музичари и настапувал со познати оркестри, како Филхармонијата на Би-Би-Си, Хале оркестарот и Радио-симфонискиот оркестар на Виена. Покрај работните обврски како водач на секцијата за контрабас во Малтешката филхармонија, Цинциевски е активен и како солист и продолжува со образовната дејност.