Откажани се мартовските концерти на австралиската група „Бонд“, легендарниот вокал на „Бијело дугме“ Жељко Бебек и на „Електрични оргазам“, соопшти „Авалон продукција“.

Концертите на женскиот квартет „Бонд“ беа најавени на 20, 21 и 22 март во Филхармонија, Бебек требаше да настапи на истото место на 28 и 29 март, а „Електрични оргазам“ требаше да прослави 40 години на 26 март во Младински културен центар.

„Со оглед на новонастанатата ситуација и мерките донесени од Владата што се поврзани со коронавирусот, сакаме да ве информираме дека мартовските концерти се одложуваат и работиме на тоа да обезбедиме нови датуми во мај. Тие ќе бидат објавени в понеделник во 21 часот“, велат од „Авалон“.

Владата донесе одлука да се затворат сите воспитно-образовни институции, библиотеки и студентски домови, да се откажат сите настани со над 1.000 луѓе и да нема масовни јавни собири.