ТОМ ХЕНКС СЕ ЗАРАЗИЛ СО КОРОНАВИРУС ВО АВСТРАЛИЈА СНИМАЈЌИ ФИЛМ ЗА ЕЛВИС ПРИСЛИ

Сиднеј, (АП)

Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон се првите славни личности кои се заразиле со коронавирусот. Тие се сместени во изолација во австралиска болница и се во стабилна состојба.

Хенкс (63) изјави дека тој и Рита почувствувале умор, настинка, болки во телото и блага треска, по што решиле да се тестираат.

„Како што е неопходно да се прави сега, се тестиравме на коронавирус и излезе дека сме позитивни. Ќе останеме во изолација сѐ додека е потребно“, напиша Хенкс на Инстаграм.

Официјални лица изјавија дека тие се сместени во болница во сојузната држава Квинсленд, каде што Хенкс работел на новиот филм за Елвис Присли, во кој го игра неговиот менаџер. Продукцијата на филмот, што треба да излезе во октомври 2021, е прекината, соопшти „Ворнер брос“.

Двократниот оскаровец Хенкс и Вилсон се во брак од 1988 и во 2013 година тој откри дека има дијабетес тип 2.

Властите на Квинсленд кажаа дека сите кои биле во контакт со двојката ќе мора да се стават во карантин. Во Австралија досега има повеќе од 120 случаи на коронавирус и три смртни случаи.