Бијонсе е најголемата поп-ѕвезда на 21. век, објави „Билборд“, победувајќи имиња како Тејлор Свифт, Леди Гага и Дрејк. Во образложението, уредничкиот колегиум на „Билборд“ вели дека ја избрале Бијонсе „врз основа на нејзиното 25-годишно влијание“.
„Големината на Бијонсе како поп-ѕвезда е во тоа што можете да ја гледате на сцената половина минута и веднаш да препознаете дека поседува сѐ: талент, вокал, блескава убавина, беспрекорна мода. Малкумина уметници во овој период можат да се споредуваат со неа во која било од клучните категории – комерцијален успех, способности за изведба, признанија, влијание врз индустријата“, вели списанието.
Бијонсе е најнаградуваниот изведувач во историјата на Греми наградите со вкупно 32 победи. Претходно годинава, таа стана и најноминирана изведувачка на сите времиња (99), откако доби 11 номинации за Греми за нејзиниот последен албум „Каубој Картер“.
На второто место во изборот на „Билборд“ е Тејлор Свифт, а трета е Ријана.