„Дестини‘с чајлд“ сензационално се обединија на сцена во рамките на долгоочекуваниот настап на Бијонсе на фестивалот „Коачела“ во Индио, Калифорнија.
Она што требаше да биде соло-настап на аренби дивата се претвори во уште поголем спектакл за публиката, откако на Бијонсе ѝ се придружија и другите две членки на групата, Кели Роуленд и Мишел Вилијамс.
Трите пејачки изведоа три големи хита на групата, што беше нивниот прв заеднички настап од 2015 година, кога се појавија на доделувањето на музичките награди „Стелар госпел“.
Концертот на Бијонсе траеше речиси два часа и ова беше нејзиниот прв настап откако роди близнаци во јуни. Таа требаше за првпат да настапи на „Коачела“ минатата година, но откажа поради бременост.
Шпекулациите дека групата ќе се обедини на „Коачела“ кружеа со месеци, но членките не го потврдуваа тоа.
„Немам поим за ова“, кажа Роуленд во интервјуто за магазинот „Пипл“ во декември.