БРАЈАН АДАМС СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ СО АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ ВО АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Брајан Адамс се враќа во Македонија по речиси шест години пауза и ќе одржи концерт во салата „Јане Сандански“ на 27 април. Организаторот „Авалон“ го најави концертот како ексклузивен, за само 2.500 посетители.

Шеесет и петгодишниот канадски музичар доаѓа во Скопје во рамките на неговата турнеја „Bare Bones“, а своите најголеми хитови ќе ги изведе во акустична верзија.

„Само Брајан Адамс на гитара, придружуван од неговиот долгогодишен пријател и пијанист Гери Брејт за 90 минути чисто емоционално и катарзично музичко искуство. Глас, гитара, пијано и чиста емоција“, велат од „Авалон“.

Брајан Адамс првпат гостуваше во Македонија во ноември 2019, кога одржа концерт во арената „Борис Трајковски“, исто така во организација на „Авалон“. Активен е на музичката сцена пет децении, а првиот од своите 15 студиски албуми го има објавено во 1980. Албумот „Reckless“ од 1984 го промовираше во глобална ѕвезда и овој статус успеа да го одржи до денес.

Фото: Ѓ. Личовски