„ЧИСТА ОКОЛИНА“ ГО ОБЈАВИ ВТОРИОТ СИНГЛ ОД НОВИОТ АЛБУМ ШТО ИЗЛЕГУВА ВО МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пионерите на македонската хип хоп сцена „Чиста околина“ го објавија и вториот сингл од својот повратнички албум „Avant-garde Fatiguée“, чие излегување е најавено за мај под етикетата на „Филтер лејбл“.

„Малку поети“ содржи семплови од шлагерската класика „Зошто“ на Зафир Хаџиманов, а на песната гостуваат некогашните членови на „САФ“ Смилен и Диџеј Гоце, како и ЛД Пистолеро, еден од најистакнатите претставници на новата генерација домашни рапери. Новиот албум на „Чиста околина“ првпат беше најавен на крајот на јануари со синглот „Си играме со рапот“.

Од „Филтер лејбл“ велат дека „Avant-garde Fatiguée“ е првиот од трите албуми со нов материјал што „Чиста околина“ планира да ги издаде во наредниот период. Тоа следува четврт век по неговиот прв и досега единствен албум „Новиот аспект на старата школа“.