Хрватската поп-пејачка Данијела Мартиновиќ ќе одржи концерт во Скопје на 17 март, објави „Авалон продукција“. Мартиновиќ првпат ќе пее во Филхармонијата, а концертот е во рамките на славењето на 30 години „Авалон“.
„Имавме транзиција во нашата работа, која започна во МКЦ, а продолжи во Универзална сала. Нашите први концерти таму беа со Мишо Ковач, но најуспешниот проект во Универзална сала беше токму нашата пријателка Данијела Мартиновиќ, која 11 пати ја распродаде салата во само две и пол години“, велат од „Авалон“.
Мартиновиќ стана позната како пејачка на групата „Магазин“, наследувајќи ја Лилјана Николовска. Има снимено осум студиски албуми. Во 1998 година го освои петтото место на Евровизија во Англија со песната „Нека не ми осамне“ (Нека ми не сване). Данијела Мартиновиќ е авторка и на три книги и една сликовница за деца.