Програмата на 19. издание на фестивалот „Таксират“ продолжува со вечерашниот концерт на легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек во МКЦ.
Поранешниот фронтмен на едни од предводниците на новиот бран, „Хаустор“, се враќа на „Таксират“ за да ја одбележи 20-годишнината од својот прв соло албум „Апокалипсо“, што му донесе голема популарност во регионот и направи пресвртница во неговата кариера.
Вечерва во МКЦ, Рундек ќе го претстави својот музичко-сценски перформанс „Апокалипсо сега“, што е во рамките на истоимената турнеја со ограничен број настапи во регионот. Тој ќе биде придружуван од седуммина музичари и ќе го разоткријат албумот „Апокалипсо“ преку уникатен аудио-визуелен настан.
„Таксират“ не е случајно избран за овој јубилеј, бидејќи Рундек беше дел од првото издание на фестивалот, кога го одржа првиот солистички концерт во Македонија.
Освен со турнеја, 20-годишнината на „Апокалипсо“ се одбележува и со издавањето на двоен албум, што вклучува и досега необјавени снимки од „Хаустор“.
Концертот почнува во 20.30 часот и организаторите се пофалија дека е распродаден.
Г. КОНЕВ