ЏИЈАН ЕМИН ЈА ОДНЕСЕ МОЈАТА МУЗИКА ВО ДРУГА СФЕРА, КАЖА РОЏЕР ИНО ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музиката на британскиот композитор Роџер Ино ќе вплови во некои нови сфери на задутрешниот концерт во Филхармонијата (20 часот) и самиот тој призна дека сè уште не знае што да очекува. Аранжирана од Џијан Емин, кој и ќе диригира со концертот насловен „Седеф“, двајцата најавуваат дека ова ќе биде нешто ново и уникатно.

Претставен како еден од пионерите на електронската музика, Ино третпат гостува во Македонија.

Првпат свирев во 1997 кога сè уште бевте доста млада држава и потоа пред три години и многу уживав. Досега со Џијан контактиравме само преку Зум и денеска првпат го гледам во живо. Бев доста претпазлив и внимателен околу проектот, околу тоа каде тој ќе ја однесе мојата музика. Таа е доста пасторална, англиска, а Џијан ја однесе во еден друг правец и ќе биде интересно да видиме како ќе звучи“, кажа Ино.

Иако има големо искуство во музиката, Емин кажа дека првпат работи со ваков тип на музика.

Посебно ми е драго што сум дел од овој проект, зашто во еден период од мојата рана музичка младост доста слушав музика од Роџер Ино. Ваков тип на музика мене многу ми одговара, а досега не сум ја правел, ниту сум учествувал во ваков проект. Музиката на Роџер е доста пасторална, а јас како музичар сакам да се зезам со звуците и се стремам тоа што го работиме да биде ново и уникатно. Се обидов да ја однесам неговата музика во некои други сфери“, рече Емин.

Од Филхармонијата најавуваат дека концертот ќе биде проследен со визуелизации и поезија.

Г. КОНЕВ