ЏИЈАН ЕМИН СО ПРЕМИЕРА НА МУЛТИМЕДИЈАЛНИОТ ПРОЕКТ „РААТ“ ВЕЧЕРВА ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Раат“ е насловен вечерашниот концерт во Филхармонијата (20 часот), а станува збор за премиера на новиот авторски проект на композиторот Џијан Емин со Филхармонијата. Концертот е електро-акустичен, а Емин ќе диригира.

„Раат“ се најавува како мултимедијална приказна раскажана преку несекојдневен третман на звукот, обликуван во препознатливиот авторски стил на Џијан Емин.

„Најубавите работи во животот, како љубовта, среќата, мирот, разумот, небото, морето, реките и планините се бесплатни и не можат да се купат. Една од тие убави и важни работи е и раатот, кој можеме да го создадеме исклучиво ние самите. Раатот не можеш да го купиш, ниту да го излажеш или измамиш, не можеш да го предвидиш. Можеш да флертуваш со него, но најдобро е да му се препуштиш потполно“, вели музичарот.

(Фото: М. Аргакијева)