СНИМЕН РЕДОК МОМЕНТ КОГА КИТ ГОЛТНУВА МОРСКИ ЛАВ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Американски фотограф го улови точниот момент кога кит „голтнува“ морски лав и верува дека ова е првпат вакво нешто да е снимено со камера.

Дваесет и седумгодишниот Чејс Декер бил на брод за набљудување китови во заливот Монтереј, Калифорнија, кога пред негови очи се случил неверојатниот момент.

„Тоа не беше огромна група, имаше само три грбави кита и околу 200 морски лавови. Инаку, имам видено 100 китови и 3.000 морски лавови одеднаш и тоа знае да стане многу лудо“, изјави Декер.

Тие се хранеа со помали риби на површината на водата, кога еден од китовите се појави со нешто многу поголемо во устата.

„Ми требаше секунда да сфатам дека тоа е морски лав, пред да го снимам остатокот од сцената. Сигурен сум дека лавот неповреден исплива од устата на китот, бидејќи тој не го стисна со своите вилици“, вели Декер.

Грбавите китови немаат заби и не јадат животни како морски лавови.