ЕДИНСТВЕНИОТ МАКЕДОНСКИ МЕТАЛ ФЕСТИВАЛ „МЕТАЛ ДИСЧАРЏ“ СЕ ШИРИ И ПРВПАТ ЌЕ ИМА ДВЕ ВЕЧЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Единствениот метал фестивал во Македонија, „Метал дисчарџ“ (Metal Discharge) во Битола, се шири и станува поамбициозен, па оваа година за првпат ќе има две вечери (7 и 8 јуни). Тоа значи и повеќе бендови, а организаторите се надеваат и повеќе поблика.

Досега се потврдени девет учесници, но листата продолжува да се дополнува. Покрај домашните бендови „Трендкил“, „Беседа“, „Синфул глер“, „Инер хејт“, „Мизантроп“ и „Саидон“, од соседната Србија доаѓаат „Свартгрен“, „Кардинал поинт“ и „Квазарборн“.

Планираме да има шест-седум бенда во една вечер“, вели Дејан Милошески, еден од организаторите на фестивалот, инаку фронтмен на треш метал групата „Скалкраш“.

Оваа година се планира да има шест-седум бенда во една вечер (Фото: Фејсбук)

Ова ќе биде петтото издание на „Метал дисчарџ“ и зад него стои локална екипа металци. Откако меѓу второто и третото издание се случи пауза од десет години, фестивалот сега полека фаќа континуитет.

Јадрото на организацијата сме пет-шест луѓе, има уште неколкумина кои помагаат. Досега не сме добиле финансиска поддршка од општината, ниту пак имаме побарано. Минатата година имавме публика од 500-600 луѓе, очекуваме оваа да бидат повеќе“, додаде Милошески.

Бидејќи фестивалот се одржува на отвореното ракометно игралиште, секако има услови за далеку поголем капацитет.

Во овој поглед, Македонија не може да се споредува со Бугарија, каде што годишно има неколку метал фестивали, меѓу кои се истакнува оној во Пловдив со ексклузивните учесници, што ова лето ќе биде „Корн“.

Г. КОНЕВ