ЕРХАН ШУКРИ СЛАВИ ДВОЕН ЈУБИЛЕЈ СО ХУМАНИТАРЕН КОНЦЕРТ ЗА ДЕЦАТА СО ДИЈАБЕТЕС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Првите мои 20 во 30“ е насловен концертот на Ерхан Шукри, со кој слави двоен јубилеј: 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години Гудачки камерен оркестар „АРКО“. Концертот е со хуманитарен карактер за децата со дијабетес, а ќе се одржи на 2 октомври во Националната опера и балет. Парите од билетите, кои се продаваат преку „Купи карти за се“, ќе бидат наменети за купување лекови за децата со дијабетес.

Ќе се изведат класична музика, оперски арии, балет, филмска музика, фламенко, рок, латино, преку ориент до македонски фолклор.

Организаторот најавува дека за првпат во Македонија ќе настапат турските музичари Нагме Јаркин на истанбулско класично кеменче и Ајдн Јаваш на панова фрула.

На концертот ќе настапат и баритонот Џемиљ Реџепи од Италија, сопранот Ивана Здравкова од Австрија, виолинистите Михајло и Момчило Куфојанкис, Мерсиха Шукри на харфа, Лазар Сандев на мандолина, вокалистката Добрила Грашеска, актерот Никола Ристановски, мандолинскиот оркестар „Скопје“ и детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. Специјален гостин е маестро Рамадан Шукри, а ќе диригира Ерхан Шукри.

(Фото: Фејсбук)