„ЕРИ“ НА ТЕЈЛОР СВИФТ Е ПРВАТА ТУРНЕЈА ВО ИСТОРИЈАТА СО ЗАРАБОТЕНИ МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Турнејата „Ери“ на Тејлор Свифт е првата која остварила заработка поголема од една милијарда долари, објави специјализираната публикација „Полстар“. Ова се однесува на првите 60 концерти од турнејата, за кои биле продадени 4,35 милиони влезници по просечна цена од 239 долари.

Исто така, на нејзините концерти биле продадени брендирани производи во вредност од 200 милиони долари, а филмската адаптација на турнејата „Ери“ заработи 250 милиони долари на киноблагајните, со што е најуспешниот концертен филм на сите времиња.

Таа исто така го има најпродаваниот албум на годината – реизданието на девет години стариот албум „1989“.

Полстар“ ѝ предвидува на Свифт и еднакво успешна 2024, при што повторно би можела да го пробие прагот од милијарда долари, што значи дека нејзината турнеја би можела да заработи вкупно 2,16 милијарди долари.

Досегашниот рекордер беше Елтон Џон, чија проштална турнеја заработи 939 милиони долари, но траеше пет години и содржеше 328 концерти.

Севкупно, најуспешните 100 турнеи во 2023 донесоа над девет милијарди долари, 46% повеќе во споредба со лани. Зад Свифт се турнеите на Бијонсе и Брус Спрингстин.