ФИЛХАРМОНИЈАТА ВЕЧЕРВА ЌЕ ОДРЖИ ВЕЛИГДЕНСКИ КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (16 април) од 20 часот, Филхармонијата ќе одржи велигденски концерт насловен „Per Aspera ad Astra“ („Низ трње до ѕвездите“). На концертот за првпат ќе биде изведена „Голема миса во Ц-мол“ од Волфганг Амадеус Моцарт.

Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова-Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски. Настапува и хорот „Едикт“ од Ниш.

Маестра Ребека Тонг (фото) е матична диригентка на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметничка директорка на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистентка во Филхармонискиот оркестар на Би-Би-Си и во Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Магистрирала оркестарско диригирање на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.