ГИ ПОДДРЖУВАМ МЛАДИТЕ ПЕЈАЧИ, РЕЧЕ ТАМАРА ТОДЕВСКА КОЈА СНИМИ ПЕСНА СО РАПЕРОТ ЈАНГ ДАДИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тамара Тодевска сними нова песна, дует со раперот Јанг Дади, со наслов „Его“. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текстот е напишан од Дади, а спотот е во продукција на „Такат студиос“.  

Песната е динамична поп-мелодија и има динамичен спот во режија на Генц Халими, велат од тимот на Тамара. 

„Среќна сум што по повеќе години објавувам песна, која е дует. Дади е дел од помладата музичка сцена. Го следам подолго време, ми се допаѓа неговата работа и секогаш сакам да им дадам поддршка на наши млади артисти. Снимањето на спотот го завршивме за еден ден и навистина уживав во креирањето на целиот проект“, вели Тамара Тодевска.

„Ова е моја прва соработка со музичар како Тамара Тодевска, која е една од нашите најдобри и најпродуктивни пејачки. Можам да кажам дека е навистина убаво и поинакво искуство за мене. Верувам дека песната ќе биде хит и ќе го обележи овој период пред летото“, изјави Дади.

Песната ќе биде достапна и на сите музички платформи.