ГИТАРИСТОТ МАРК РИБО И САКСОФОНИСТОТ СТИВ КОЛМЕН ВЕЧЕРВА НА СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Третата вечер на Скопскиот џез фестивал ќе ја отвори американскиот саксофонист Стив Колмен со „Фајв елементс“, во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ), по него свири гитаристот Марк Рибо со „Млади филаделфијци“. На полноќ во Дaнсинг салата е концертот на британскиот поет и музичар Антони Џозеф.

Колмен е еден од основачите на таканареченото М-Басе движење, во чија рана фаза беа вклучени и Грег Озби и Касандра Вилсон.

Гитаристот Марк Рибо е великан на гитарата, кој му помогна на Том Вејтс да го дефинира својот нов музички правец. Во 35-годишната кариера Рибо објави над 20 албуми, а работел како придружен музичар на Том Вејтс, Дајана Крол, Елвис Костело, Ти-Боун Барнет, Каетано Велозо, Роберт Плант, Ален Гинзберг, Арто Линзи, Дејвид Силвијан.

Антони Џозеф е поет, писател, музичар и предавач роден на Тринидад, кој живее во Велика Британија, и ги спојува соул, фанк и карипските мелодии.