ГИТАРСКИОТ ВИРТУОЗ СТИВ ВАЈ ГОСТУВА ВО СКОПЈЕ НА 26 АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Гитарскиот виртуоз Стив Вај ќе го има својот прв концерт во Македонија. „Авалон продукција“ објави дека 62-годишниот американски гитарист ќе настапи во СРЦ „Кале“ во Скопје на 26 април во рамките на европската турнеја на која ќе го промовира својот нов албум „Inviolate“.

Вај важи за еден од најспектакуларните рок и хеви метал гитаристи. Кариерата ја почнал во групата на Френк Запа, а потоа сними девет соло албуми и освои три Греми награди.

Покрај Запа, свирел и соработувал и со Дејвид Ли Рот, „Вајтснејк“, Алис Купер, „Моторхед“… Магазинот „Guitar World“ го прогласи за 10. најдобар гитарист на сите времиња.

Влезниците по цена од 1.500, 2.000 и 3.000 денари ќе бидат пуштени во продажба в петок.