ГОЛЕМАТА ПРОСЛАВА НА 30 ГОДИНИ „СУПЕРХИКС“ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО КИСЕЛА ВОДА, САМИ НИ СЕ ЈАВИЈА, ВЕЛИ ФРОНТМЕНОТ ПЕТАР МЛАДЕНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Големата прослава на 30 години „Суперхикс“ ќе се случи на 29 јуни. Концертот ќе се одржи во паркот кај салата „Расадник“ во скопската Општина Кисела Вода и фронтменот на „Суперхикс“ Петар Младеновски вели дека се изненадил кога оттаму им се јавиле и им рекле дека целосно ќе застанат зад настанот.

„Организатор е Општина Кисела Вода, сами ни се јавија, не ми се веруваше. Ова ќе се случи во рамките на нивното Културно лето, но како засебен настан. Тие на истиот датум слават 69 години постоење. Со Кисела Вода имаме договор за цела серија настани поврзани со јубилејот. Планираме и изложба на плакати, документарец, акустична сесија и промоција на новиот албум, сето тоа би се одржало во тамошниот дом на културата, односно киното“, вели Младеновски.

Планирано е концертот да трае повеќе од три часа, а влезот ќе биде бесплатен.

„Ќе има десетина гости од сцената, досега се потврдени ‘Фолтин‘, Дани Димитровска, ’21 век‘, веројатно и ‘Димиш‘. Ќе ни се придружат и поранешни членови на групата. Ќе бидат тоа најмалку три часа урнебес и фешта. Ќе се свират и стари хитови и нешто од новиот албум“, открива Младеновски.

Фановите уште многу малку ќе почекаат на новиот албум на „Суперхикс“, прв по седум години пауза.

„При крај сме. Сакаме да излезе околу 10 април. Всушност, требаше да биде готов во декември, ама дури сега завршивме со миксање и наснимувања. Се надевам дека мастерот ќе биде спремен до крајот на неделава и ќе го има албумот макар на дигиталните платформи за 10-15 дена. Во секој случај ќе биде средина на април. Сакавме да го издадеме и на плоча, ама сега нема да стигнеме, па ќе го оставиме тоа за подоцна“, вели Младеновски.

Г. КОНЕВ