ГОРДА СУМ ШТО ВО МАКАРСКА ЈА ДОДЕЛИВ НАГРАДАТА „МИЛАН МЛАДЕНОВИЌ“ КОЈА ЈАС ЈА ДОБИВ ЛАНИ, КАЖА ПЕЈАЧКАТА ДИНА ЈАШАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачката Дина Јашари е горда што трета година по ред, денот кога е роден српскиот музичар Милан Младеновиќ го поминува на доделувањето на музичката награда што го носи неговото име. Годинава, оваа манифестација се одржа во Макарска, Хрватска.

Минатата година во Белград, Јашари ја доби наградата за песната „Дома“.

„Веќе трета година по ред, 21 септември го поминувам на доделувањето на наградата ‘Милан Младеновиќ‘, на денот на неговиот роденден. Првата година бев номинирана со песната ‘Бои‘, втората со ‘Дома‘. Без да очекувам, ја земав и ја донесов наградата дома“, ни изјави Јашари.

„По традиција, добитникот од претходната година ја доделува наградата на наредниот. Победничката песна за оваа година е ‘Додека го чекаме падот‘ (Док чекамо пад) од групата ‘Љубичице‘, морам да признам, мој личен фаворит. По доделувањето следеше концерт каде што настапив со Лука Тошев и Драган Теодосиев“, кажа Јашари.

На манифестацијата, настапиле и „Артан Лили“, „Партибрејкерс“ и други локални бендови.

Дина Јашари на доделувањето на наградите „Милан Младеновиќ“ во Макарска со српската пејачка Констракта. (Фото: Инстаграм)

„Ја имам таа среќа во рок од еден месец да ја посетам Макарска двапати и да ја претставам мојата музика таму. Макарска е еден магичен град, имаше смисла што доделувањето на наградата оваа година се одржа таму“, ни изјави пејачката.

Ланското доделување се одржа во Белград, градот на Младеновиќ, а Макарска како избор за годинава има друга симболика. Мајката на покојниот фронтмен на „Екатарина Велика“ е од Макарска и тој често одел таму.

Оваа награда ја доделува Фондацијата „Милан Младеновиќ“ од Белград, која има за цел да поддржи млади артисти од регионот. Јашари од вкупно 250 пријавени песни влезе меѓу 12-те финалисти и успеа да победи минатата година.

М. ЏАРОВСКА