Еден од основоположниците на хип хопот Грендмастер Флеш е добитник на годинашната награда Полар, која има статус на Нобелова награда во светот на музиката. Шеесет и едногодишниот Џозеф Садлер, како што е вистинското име на Грендмастер Флеш, го добива престижното признание десетина дена пред настапот во Скопје.
Освен него, со Полар е наградена и германската виолинистка Ан-Софи Мутер.
„Ова е огромна чест, бидејќи многу пати во нашата култура се занемарува и потценува она што го прават диџеите. Почестен сум што сум избран меѓу толку многу големи имиња“, изјави Садлер.
Тој ќе гостува во клубот „Станица 26“ во Скопје на 26 февруари, кога ќе се претстави со двочасовен диџеј сет, со кој ќе ја проведе публиката низ четиридецениската историја на хип хопот. Грендмастер Флеш и неговата група се и првите хип хоп уметници кои биле примени во Рокенрол куќата на славните, во 2007 година.
Наградата Полар е востановена од Швеѓанецот Стиг Андерсон во 1989 година и меѓу досегашните добитници се Боб Дилан, Елтон Џон, Пол Макартни и „Металика“.