Композиторот Григор Копров ќе пишува песна за Дадо Топиќ за хрватскиот Избор за песна на Евровизија, „Дора“. Македонскиот композитор кажа дека со Топиќ се договорил за оваа соработка пред три недели во Охрид, кога хрватскиот рокер беше гостин на Охрид фест, чиј директор е Копров.
„Со Дадо се договоривме дека ќе напишам песна со која тој ќе конкурира на ‘Дора‘ и многу се радувам на оваа соработка. Она што ми е уште помило е што ќе му направам и цел албум, тоа беше заедничка желба, за која во Охрид се договоривме дека ќе ја реализираме. Песните ќе бидат наменети за целиот регион, на хрватски јазик, во поп-рок стил, а можно е некоја од нив да се преведе и на македонски“, ни изјави Копров.
На Охрид фест Дадо Топиќ беше специјален гостин и член на жирито на интернационалната вечер. Настапи со песната „Македонија“, која со групата „Тајм“ ја сними во 1973 година. Со неговиот настап заврши фестивалот. Топиќ во Охрид доби награда за трајни музички вредности.
„Уште не можам да го заборавам концертот во Сараево, во салата ‘Зетра‘ на почетокот на деведесеттите години, кога Дадо ја пееше ‘Македонија‘ пред 20.000 луѓе. Тоа беше мировен концерт, еден од оние за спас на поранешна Југославија. Ми се чини дека целата публика плачеше кога пееше со Дадо. Мојот пријател Васил Тупурковски беше на овој концерт и често се сеќаваме на него“, рече Копров.
Дадо Топиќ беше гостин на Охрид фест и во 2003 година, кога изјави дека песната „Македонија“ му е една од најважните во кариерата.
М. ЏАРОВСКА