ХИП ХОП ЛЕГЕНДИТЕ „ПАБЛИК ЕНЕМИ“ СЕ СКАРАА ОКОЛУ БЕРНИ САНДЕРС

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Легендарниот хип хоп бенд „Паблик енеми“ објави дека се разделил од својот харизматичен член Флејвор Флејв по повеќе од 35 години, два дена откако тој со писмо ѝ се закани на кампањата на претседателскиот кандидат на Демократите, Берни Сандерс.

Тој го испратил писмото откако неговите колеги од бендот објавија дека ќе се појават на негов митинг во Лос Анџелес.

„‘Паблик енеми‘ продолжува без Флејвор Флејв. Му благодариме за сите заеднички години и му посакуваме сѐ најдобро“, соопшти групата.

Фронтменот Чак Ди кажа дека несогласувањата околу Берни Сандерс не се политички, туку чисто финансиски.

„Доколку имаше повеќе пари, Флејв сигурно ќе беше таму во први редови. Тој не сака да прави бесплатни добротворни настапи“, изјави Чак Ди.

Флејвор Флејв беше еден од основачите на „Паблик енеми“, чии први албуми радикално го променија звукот на хип хопот. Групата неодамна прими Греми за животно дело.