ХРВАТСКИОТ ЏЕЗ ПИЈАНИСТ ЗВЈЕЗДАН РУЖИЌ ГО ОТВОРА СКОПСКО ЛЕТО НА 21 ЈУНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четириесет и петтото издание на Скопско лето се отвора на 21 јуни со концерт на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан. Ружиќ доаѓа во Скопје со својот проект „Пијанотрон“, комбинација од пијано, мелотрон и педали.

„Звјездан е човек-оркестар. Иако е академски џез пијанист, тој го опишува ‘Пијанотрон’ како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музика“, велат од скопската Дирекција за уметност и култура.

Ружиќ има соработувано со „2Челос“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ и други и настапувал низ целиот свет. Во Хрватска, неговите авторски албуми беа наградени со пет награди „Порин“, а Хрватскиот музички сојуз шест пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист.

(Фото: Концертна сала „Ватрослав Лисински“)