ИГИ ПОП ВО СЕПТЕМВРИ ГО ИЗДАВА СВОЈОТ 18. АЛБУМ

Њујорк, (Пичфорк)

Американскиот рок ветеран Иги Поп го најави својот 18. студиски албум, што ќе излезе на 6 септември. Насловен „Слободен“ (Free), тој е опишан како „уникатно мрачен и длабок“ и доаѓа три години по неговиот последен албум, „Пост поп депресија“.

Ова е албум на којшто други уметници зборуваат за мене, а јас само го позајмувам гласот. На крајот на последната турнеја бев сигурен дека сум се ослободил од проблемот на хронична несигурност, што долго време ме следеше. Исто така, бев и целосно испразнет. Почувствував дека сакам да ставам очила за сонце и да си заминам. Сакав да бидам слободен. Тоа е она кон што треба да се стреми човек: не среќа или љубов, туку чувството да се биде слободен. Така што, овој албум едноставно ми се случи“, вели 72-годишниот Иги Поп.

Освен во музиката, тој во изминатиот период беше активен и на други полиња, па се појави во новиот филм на Џим Џармуш „Мртвиот не умира“, објави книга со стихови и подготвуваше свој бренд на кафе.