ИМАМ МНОГУ ПРИЧИНИ ЗА РАДОСТ, ВЕЛИ КАЛИОПИ ПО КОНЦЕРТОТ ВО БЕЛГРАД, КАДЕ ШТО ЈА ПЕЕШЕ „МАКЕДОНСКО ДЕВЕОЈЧЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српските медиуми го фалат концертот на Калиопи во Белград, кој се одржа на 8 март во салата „МТС“. Ова не е нејзиниот прв концерт во Белград, но таа вели дека бил посебен затоа што бендот бил засилен со гудачки квартет и брас секција. Калиопи меѓу сите нејзини стари и нови хитови ја отпеа и „Македонско девојче“, кога се симна од сцената и запеа меѓу публиката.

„Имавме фантастичен концерт во Белград, прекрасна публика и, она што е најважно, на белграѓани им донесовме еден сосема поинаков концерт од досега, што посебно ја изненади и израдува публиката. Мојот бенд, збогатен со гудачки квартет и брас секција, е приказна за себе. Едноставно, сите дишевме на ист начин и уживавме додека музициравме на сцена. Посебно е тоа чувство и секако препознаено и наградено со бурни аплаузи и овации од публиката. Пресреќна сум! Сега нѐ очекува Ниш, а потоа патуваме за Загреб. Пред Ниш ќе му бидам гостинка на мојот драг пријател Жељко Самарџиќ во „Арената“ во Загреб. Секако, многу поводи и причини за радост“, ни рече Калиопи.

Калиопи се симна меѓу публиката и ја запеа „Македонско девојче“ во Белград (Фото: МТС сала)

Калиопи ќе одржи концерт во Ниш на 15 март, а во Загреб на 5 април.

На манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која се одржа на 19 февруари во Скопје, Калиопи доби три награди: за пејачка на годината, албум на годината и поп концерт на годината. Кога ги примаше наградите најави концерт во салата „Борис Трајковски“ во октомври 2026 со продукцијата „Прагма“. Калиопи ја наполни оваа сала на 19 октомври лани и рече дека со радост пак ќе пее следната година.

М. ЏАРОВСКА

Фото: МТС сала