Утре (30 октомври) од 19 часот, во Камерната сала на Филхармонијата ќе се одржи концертот „Ноктурно за Шопен“, на кој премиерно ќе бидат изведени 17 дела од современи композиторки од цел свет напишани во чест на Фредерик Шопен. Ќе свират млади и талентирани ученици, меѓу кои и ученици со атипичен развој од основните и средните музички училишта во Скопје, Битола, Штип, Велес, Кочани и Струмица.
Организаторка на концертот е Биљана Петрова-Таковска, професорка по пијано. Композициите што ќе се свират потекнуваат од збирката „22 ноктурна за Шопен од жени композитори“. Целта на настанот е промоција на млади музички таленти, инклузија на млади со атипичен развој кои го изучуваат пијаното и родова рамноправност во изведувачката уметност.