Цела сала ја следеше во ритам Италијанката Маргарита Абита, додека сношти (28 февруари), на концертот на „Барселона џипси Балкан оркестар“ во Филхармонијата ја пееше „Море сокол пие“.
Македонскара народна песна стана заштитен знак на овој интернационален музички состав кој ја има има пеено во преку 40 земји. Видеото од „Море сокол пие“, веселата верзија која со страст ја пее шармантната Италијанка стана вирално на Балканот откако бендот ја испеа во шоуто на српскиот сатиричар Зоран Кесиќ.

Еден член на бендот е од Србија, басистот Иван Ковачевиќ. Останатите се Шпанци, има еден Французин и пејачката Италијанка. Се обединиле во Барселона, и досега имаат снимено 7 албуми. Веќе 13 години со руски, романски, грчки, арапски, македонски, српски и босански песни во кои преовладува ромскиот звук патуваат низ целиот свет. Маргарита Абита е нивна втора пејачка и вистински избор. Сите балкански песни, на за неа непознат јазик и мелос кој не е толку близок до нејзината родна земја, Абита ги пее како да е родена на Балканот. Совршено навлегува во нивниот ритам и емоција и се гледа колку ужива додека ги пее. Публиката која беше на концертот на „Барселона џипси Балкан оркестар“ во 2023 и повторно сношти, со голема радост ја пречека на сцената и заигра со неа и со бендот.

„Имавме среќа да патуваме низ целиот свет и да запознаваме луѓе кои мислат како нас и кои сакаат како нас. Така ја запознавме неа, таа е гласот на Македонија и решивме дека мора да свириме вечерва со неа овде, Зарина Првасевда“, ја најави басистот Ковачевиќ гостинката на концертот.
Македонската пејачка која со наша и со регионална традиционална музика настапува во повеќе земји, имаше беспрекорна изведба, впечатлив сценски настап и докажа зошто реди интернационални успеси. И беше вистинска привилегија да се слуша како Зарина во дует со Маргарита Абита ја пее „Седна баба да вечера“.
Штета што концертот не траеше ни два часа. Публиката беше на нозе на крајот и имаше сила за повеќе од еден бис кои оркестарот и гостинката ги заслужија.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К.ПОПОВ