В петок од 19 часот, во црквата „Света Софија“ во Охрид концерт ќе одржи тенорот Федерико Сера од Италија, во придружба на пијанистот Антонио Кампоногара. Концертот е по повод 8 Март и ќе биде посветен на дамите, вели организаторот Охридско лето.
„Веќе трета година одржуваме концерти преку цела година, надвор од фестивалската програма од 12 јули до 20 август. Имавме новогодишен концерт со оркестарот на Националната опера и балет, а сега следи осмомартовскиот концерт со оперскиот пејач Федерико Сера, чиј ментор е славниот Андреа Бочели“, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.
По овој концерт следува велигденски, како завршница на концертите надвор од официјалната програма.
Сера беше дел од четворицата тенори од Италија кои настапија на свеченото отворање на 62. издание на Охридско лето.