Младата поп-пејачка Дорис Ди (16) ја промовираше новата песна „Земјо моја“, преработка на легендарниот хит на Исмета Крвавац, напишан од Кемал Монтено, кој се сними за поранешна Југославија во 1975.
Дорис Димовска сними нова верзија посветена на Македонија со текст на Огнен Неделковски и аранжман на Никола Мицевски.
„Идејата за ‘Земјо моја’ беше на татко ми Дејан, уште пред неколку години. За мене тоа изгледаше како недостижен материјал, но со поддршка на вистинските луѓе, мојот сон прерасна во реалност. Чувствував притисок што треба да препеам една култна песна во помодерна верзија,а им ја посветив на сите млади кои поради некоја причина си заминале од Македонија“, рече Дорис Ди на промоцијата.
Текстописецот Огнен Неделковски рече дека македонската верзија на текстот била напишана пред повеќе години, но дури сега го нашла својот вистински пејач.
„Оваа песна е напишана за земја која за жал веќе не постои, Југославија. Кога ја пишував новата верзија, сакав да биде песна за сите Македонци, особено за оние кои се надвор од Македонија, а чувствуваат носталгија за својата родна земја. Дорис ја отпеа со таква емоција и зрелост што навистина ме изненади. Иако е млада, таа точно знаеше како да го пренесе секој збор и секоја порака од текстот. Процесот за добивање на авторските права одеше преку Бранка, сопругата на Кемал Монтено. Таткото на Дорис отиде до Сараево, и госпоѓа Бранка се согласи да му ја даде песната, а знаете дека ние авторите сме тешки за давање песни. Навистина ни е чест што добивме дозвола да ја преработиме оваа култна композиција“, рече Неделковски.

Аранжманот на песната е на Никола Мицевски. Тој рече дека му е големо задоволство да соработува со Дорис, и додаде дека е воодушевен од нејзината зрелост.
„Дорис е еден од најталентираните вокали. Нејзиниот глас и неговата зрелост воопшто не соодветствуваат со нејзините години. Таа дојде во студиото одлично подготвена и песната ја снимивме за рекордно кратко време. Сакам да ѝ порачам да продолжи да слуша совети и да ги применува“, рече Мицевски.
Режисерот на спотот, Марјан Огненовски од продукција „Фабрика“, кажа дека се снимало на повеќе места низ Македонија: Охрид, Скопје, манастирот Свети Јован Бигорски.
„Ова не е наша прва соработка. Семејството Димовски целиот овој проект го претвори во една голема фамилијарна приказна, каде беа вклучени мојот син, братот на Дорис и нејзината мајка, која беше вистински асистент-режисер на теренот“, орече Огненовски.
Промоцијата ја водеше новинарката Соња Алексоска-Неделковска, која ја следи Дорис Ди уште од нејзините почетоци. „Дорис ја познавам лично и знам дека ова што го прави, го прави со целото срце. Таа сака да ги прави луѓето среќни преку песната, а нејзиниот моќен вокал е нешто што допрва ќе ја освојува сцената“, рече Алексоска-Неделковска.
М. ЏАРОВСКА