Поп-пејачката Марија Данева на 21 октомври ја промовираше својата прва песна „Љубов“, заедно со „Стенд бај бенд“.
„Песната е вистинска љубовна приказна, а ја работевме со многу љубов. Самата енергија додека ја снимавме, позитивната атмосфера за време на снимањето на спотот и поврзаноста помеѓу сите нас се еден одличен показател кој говори дека сме направиле вистински избор на песна и спот“, рече Марија Данева на промоцијата.
Таа инаку редовно настапува со бендот низ Македонија. Од Штип е, има 24 години и е апсолвент на Педагошкиот факултет, а има завршено средно музичко училиште.
Автор на музиката и текстот на „Љубов“ е Сашо Стојановски, кој свири тапани во бендот, а аранжманот е на Бобан Василевски. Спотот е снимен на повеќе места во Скопје, го снимаше „Фокус филм“, а го режираше Владимир Митревски-Ѓуле. Во бендот се и Александар Авукатов на бас гитара и Дарко Спировски на гитара.
„Љубов“ е динамична песна во поп-рок стил, а Данева верува дека ќе ѝ се допадне на публиката.
М. ЏАРОВСКА