СИТЕ СЕ БАВЕА СО УСПЕХ, А НИЕ СО МУЗИКА, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, ПРВ РОКЕР СО „11 ОКТОМВРИ“

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Гитаристот Влатко Стефановски има 60 години и над 40 години кариера. Има безброј значајни еснафски домашни и меѓународни награди, почесен доктор е на Универзитетот „Св.Кирил и Св. Методиј“ од 2007 и на Универзитетот ФОН од 2017. Но, Влатко Стефановски од оваа година станува и првиот рокер во Македонија кој ја добива највисоката државна награда за животно дело во културата „11 Октомври“.

Влатко Стефановски има 14 албуми со „Леб и сол“, 16 како соло уметник, голем број проекти во тетарската и филмската уметност, турнеи по САД, некогашен СССР, низ Европа. Настапи со голем број светски музичари и оркестри како и со Лондонскиот симфониски оркестар, симфониските оркестри на Лајпциг, Виена, на Монте Карло.

Тој вели дека му беше возбудлив овој 11 Октомври и целата церемонија во Собранието на РМ, каде што поради наградата влегува прв пат.

„Сега веќе ништо не е исто. Сега немам аргументи да се бунам за нешто, сега мојата држава ми даде признание, јас сум признаен уметник. Некои работи се изедначија на вагата. Со оваа награда јас сум разоружан. Ова е награда за целата рокенрол сцена, за сите музичари кои се занимаваат со поп, рок, џез, со фјужн, етно, со електронска музика во земјава, по ослобудавањето до денес. Јас не сум измислил ништо, ниту пак од мене почнува или завршува нешто. Јас сум можеби оној што дал најмногу голови во тој долг натпревар, зашто имам снимено најмногу албуми, веројатно имам отсвирено најголем број концерти и мојот опус трае повеќе од 40 години. Самиот се чудам, опашката ми е многу голема, па веројатно затоа јас сум првиот што ја добива. Наградите треба да се почитуваат зашто тие значат почитување кон тој што ги добива и кон тој што ги дава“, вели Стефановски.

„Без лажна скромност, после толку патувања, после толку работа, мислам дека ја заслужувам наградата. Не дека не сум помислувал на ваква награда, дотолку повеќе што на неколкумина како член на комисија сум ја потпишал одлуката да станат национални уметници. Но, познавајќи го нашиот менталитет, не сум воспитан да лобирам за себе. Себепромоција признавам кога имам нов албум, концерт, нова турнеја или слично, но да се величам себеси само по себе, мислам дека е недостоинствено и патетично“, вели Стефановски.

На прашањето дали оваа државна награда за рокенролот во овдешен контекст може да се спореди со Нобеловата на Боб Дилан, Стефановски како негов голем фан вели:„ После Нобеловата за Дилан, сè е веќе можно. Линијата помеѓу официјалната култура, или она што барем сме го сметале за официјална култура, и популарната култура е многу тенка, а на места е и испрекината – каде што тие две култури се прелеваат. Не може веќе да се разграничи што е сериозна, а што популарна култура. Според мене, култура е она на што му посветуваш внимание, и она што го чуваш“ (фото: од личната архива на Влатко Стефановски)

Фактите се непобитни околу успехот на „Леб и сол“ и чудото што се случило со нивниот настап на Опатискиот фестивал во 1978 година кога прв пат ја отсвиреле „Абер дојде Донке“, пред сите уредници на радија во тогашна Југославија.

„Лом беше, чудо. Знаеја дека сме добар бенд, ама никој не очекуваше нешто слично. Со оваа дистанца имам теза која ја промовирам на интервјуата низ бивша Југославија, а тоа е дека додека бендовите низ Југославија слушаа ‘Јураја хип’ и ‘Дип парпл’, во Македонија слушавме алтернативни, сериозни музики како Френк Запа, Џон Меклафлин, Махавишну оркестра, Чик Корија. Слушавме сериозни нови музики од тоа време, додека другите бендови беа заглавени во некој пастирски рок и се потпираа на два акорда. Ние отидовме да ги рушиме тие стереотипи. Од Скопје. Скопје бил секогаш алтернативен град во смисла на тоа кои плочи ќе ги слуша. ‘Леб и сол’ во голема мерка е одреден од тоа каква музика слушавме. Тие нови светски музики се разбира дека ги слушаше екипата од Белград, но таа екипа не успеа да направи бенд од типот на ‘Леб и сол’. Се потпираа на познати матрици како треба да изгледа хит, и со тоа се занимаваа, се бавеа со успех, а ние се бавевме со музика. Во тој контекст, се повеќе имам респект кон скопската музичка сцена од 1970-тите години, кон тие ликови како кон група ‘Пу’, ‘Тор’, ‘Брег’. Сериозни и пркосни, амбициозни музичари кои сакаа да ги менуваат работите“, вели Влатко.

Околу наградата која ја добива за животно дело, Влатко вели дека секако нема да се пензионира, дека има доволно нови идеи и енергија. Го најавува наскоро и својот нов акустичен соло албум, „Мајчин јазик“.