Игор Џамабазов запеа на јапонски на „Златна Бубамара на популарноста“ сношти (19 декември) во салата „Борис Трајковски“.
Свирејќи укулеле, актерот и шоумен пееше јапонска песна за да го пречека специјалниот гостин од Токио, Казухиро Котецу. На социјалните мрежи и во медиумите Котецу е познат по тоа што ги испеа „Земјо македонска“, „Македонско девојче“ и други македонски народни песни.

„Ви благодарам на наградата. Да живее Македонија“, рече Котецу кога ја прими специјалната награда од Џамбазов.
Публиката стана на нозе по неговата изведба на „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски. Џамбазов потоа ја покани целата публика да стане на нозе и да му оддаде почит на Христовски.
Котецу на крајот од настапот дури и го фрли палтото како што правеше легендарниот фолк пејач. Тој е познат јапонски оперски пејач кој работи во Операта во Токио. Македонската народна музика ја засакал по соработката со оперскиот пејач Благој Нацоски.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов