Македонскиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов продолжува да го развива меѓународниот музички проект „Резонантна Земја: Колективен ритуал“ (Resonant Earth: Collective Ritual), кој обединува музичари од различни земји преку современа музика, традиционални инструменти и колективна импровизација.
Во текот на 2026, проектот имаше настапи и музички соработки во Скопје, Париз, Берлин, Токио, Ханој, Тујен Куанг и Пном Пен. Неодамна, Костов настапи во Виетнам, каде што соработуваше со меѓународен електроакустичен ансамбл во Ханој и со музичари во Тујен Куанг, во рамките на фестивалот „Од ништо до ништо“ (From Nothing to Nothing).
Во Пном Пен, Камбоџа, настапи со ансамбл од традиционални камбоџански музичари во „Хоум театар“, а реализираше и студиска сесија со локални и меѓународни уметници.
Од овие соработки произлегоа и разговори за организирање меѓународен музички фестивал во Камбоџа во април 2027, за време на камбоџанската Нова година, со можно учество на музичари од Јапонија, Европа и Австралија.
За првата половина на 2027 се планираат нови музички средби во повеќе градови во Азија и Европа, меѓу кои Њу Делхи, Бангкок, Шангај, Париз, Берлин, Виена и Лондон, а се разгледуваат и можности за настапи во Бразил.
Паралелно, Костов работи на музичките снимки од досегашните изданија на проектот, вклучувајќи ги и материјалите снимени во Скопје.
„Резонантна Земја: Колективен ритуал“ нема постојан состав, туку функционира како меѓународна платформа во која музичари од различни култури заеднички создаваат нова музика.