Ју Ту им оддаде почит на жртвите на терористичкиот напад во Манчестер, одржувајќи бесплатен концерт на Трафалгар сквер во Лондон, како најава за вечерашното доделување на Европските музички награди на Ем-Ти-Ви.

Тие го отворија специјалниот настан со хитот „Недела, крвава недела“, при што беа прочитани имињата на 23-те загинати во бомбашкиот напад, што се случи на концертот на поп-ѕвездата Аријана Гранде на 22 мај годинава.

Ем-Ти-Ви им овозможи на само 7.000 фанови да присуствуваат на овој концерт, што се одржа во чест на прогласувањето на ирскиот бенд за глобални икони.

Покрај Ју Ту, кои во 2009 година свиреа и пред Бранденбуршката порта во Берлин во рамките на Европските музички награди, едночасовен настап имаше и ди џеј ѕвездата Дејвид Гета, кој успеа да го претвори Трафалгар сквер во подиум за играње.