Скопје сношти (31 мај) беше дел од 50-те градови во кои „Бијело Дугме“ прослави 50 години постоење, со турнеја која ја почна лани во Сараево. Со југословенски знамиња меѓу фановите беа пречекани и испратени по еуфоричниот концерт.

Култниот сараевски бенд во преполната сала „Борис Трајковски“ свиреше со петорица од оригиналниот состав: фронтменот Горан Бреговиќ, двајцата пејачи Младен Војичиќ- Тифа и Ален Исламовиќ, тапанарот Драган Ѓиѓи- Јанкелиќ и басистот Зоран Реџиќ. Познатиот музичар Огњен Радивојевиќ на клавијатури ги замени починатите членови на бендот, Лаза Ристовски и Влада Правдиќ. Повратничката турнеја на „Дугме“ е без Жељко Бебек, кој претходно кажа дека им посакува среќа, но не сака да биде дел од славењето на педесетката.

Песните од Бебек ги пееја Тифа и Исламовиќ, со хор од околу 10.000 луѓе. Изостана легендарната „Селма“, но пејачите пријатно изнанадија во „Сето тоа, мила моја ќе го покријат рузмарин, снегови и треви“ (Sve će to, mila moja, prekriti ruzmarin, snjegovi i šaš) во придружба на хор и гудачи. Ова беше еден од најемотивните моменти на концертот.
Големината на „Бијело Дугме“ е во тоа што може да собере фанови од сите возрасти.

Некои се сеќаваа на првиот концерт со Бебек во 1977 во Скопје, како пејачката Ребека Јанковска- Ристески која е нивен голем фан. Некои се сеќаваа на средината на 1980-тите скандирајќи го името на Тифа, а најтазе сеќавања имаа оние кои биле тинејџери за време на распадот на Југославија кога вокал во бендот беше Ален Исламовиќ. Дуото Александар Митевски и Драган Спасов- Дац беа гнајласни на „Липите цутат“ (Липе цвату) носејќи маици со логото на „Бијело Дугме“.

Кога Исламовиќ истрча на сцената пеејќи ја „Плукни и запеј моја Југославијо“ (Pljuni i zapjevaj moja Jugoslavijo) се појавија уште повеќе знамиња на поранешна Југославија. Концертот беше носталгичен од почеток до крај, а заврши со убава слика на дует помеѓу Тифа и Ален, кои во златното време на „Дугме“ никогаш не пееле заедно.

„Ова е живите останати членови на ‘Бијело Дугме’. Има вечери кои никогаш не сакате да ги заборавите, и се надеваме дека ова беше една таква вечер, кога пеевме стари песни и ни беше убаво“, ја кажа Бреговиќ познатата реченица на крај. Зад сцената по концертот, иако изморени, членовите на бендот на најверните фанови им ги потпишуваа плочите кои се враќаат во мода. А, „Бијело Дугме“ никогаш не излезе од мода.
Концертот го организираше „Прагма“ продукија.
М. ЏАРОВСКА