„КИНГС ОФ ЛИОН“ Е ПРВИОТ БЕНД КОЈ ЌЕ ИЗДАДЕ АЛБУМ ВО ФОРМА НА КРИПТОГРАФСКИ ТОКЕН

Њујорк, (Гардијан)

„Кингс оф лион“ е првиот бенд на светот кој ќе издаде албум во форма на криптографски токен (НФТ), следејќи го трендот и интересот по дигитални средства, како што е биткоин.

Американските рокери кажаа дека албумот „When You See Yourself“ ќе има два различни типа на НФТ: еден ќе биде достапен ограничено време како специјално издание, а од другиот, само шест ќе се продаваат на аукција и ќе биде доживотен билет за концертите на групата. Првиот токен ќе се продава за 50 долари и доаѓа со пристап до дигитален даунлоуд.

„Во изминатите 20 години гледаме како се обезвреднува музиката. Ова е во рана фаза, но мислам дека во иднина на овој начин ќе се издава музика“, вели Џош Кац, извршен директор на технолошката стартап компанија „Јелоухарт“, која стои зад проектот.

НФТ секторот доживеа голем подем во изминатите месеци, благодарение на зголемениот интерес од индустријата на криптовалути.