„Омаж на маестро Александар Џамбазов“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата (20 часот), посветен на големиот македонски композитор, кој почина во јануари годинава. Концертот е во рамките на 45. Денови на македонска музика.
Ќе се изведат дела како „Седумте танцови варијации“ со Елена Атанасовска-Ивановска како солистка на пијано и „Рапсодија за Скопје“ со пијанистот Иво Настевски, потоа дела од опусот на Џамбазов напишани за ревиски оркестар и избор од многубројните песни, што ќе ги пеат Тамара Тодевска, Никола Перевски-Пере, Александар Тарабунов и Антониа Гиговска. Со концертот ќе диригира Џијан Емин.
„Со овој концерт, оркестарот на Филхармонијата, СОКОМ и пејачите кои ќе настапат ќе му оддадат признание и почит на Александар Џамбазов, кој остави непроценлив музички опус“, велат од Филхармонијата.
Творештвото на Александар Џамбазов (1936-2022) главно ротира околу популарните жанрови. Повеќе од 40 години, неговите композиции беа неодминлив дел на најпознатите фестивали во Југославија и Македонија. Особено значајно е неговото творештво на полето на детската песна, а во сферата на класичната музика напиша неколку маркантни композиции.
Концертот ќе има и хуманитарен карактер, а парите од билетите ќе бидат донирани на Асоцијацијата за детски дијабет „Баланс-Мк“.