КОКИ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 10 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ДУЛЕ СО КОНЦЕРТ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Со прераната смрт на Душан Љубисавлевиќ-Дуле во 2013 престана да постои една од најпопуларните музички двојки во Македонија, „Дуле и Коки“. Во знак на сеќавање на Дуле, Никола Јанков-Коки вечерва ќе одржи концерт на летната сцена на Домот на младите во Штип.

„Одбележуваме десет години без Дуле. Не случајно одбрав тоа да биде Домот на младите во Штип, каде што всушност се нашите музички почетоци. Со мојот бенд и со хитовите што ги имавме со Дуле ќе потсетиме на тоа време и заедно со публиката од цела Македонија ќе ги пееме омилените стихови на Дуле. Ќе бидат изведени и песните што ги создадовме со Дуле неколку месеци пред тој да почине, кога го подготвувавме нашиот нов албум“, вели Јанков.

Дуото „Дуле и Коки“ стана популарно во 1996, кога со песната „Виолина и гитара“ победи на Макфест. Во својот репертоар издаде над 50 композиции, од кои поголемиот дел се хитови, како „Мене место не ме фаќа“, „Марама“, „Дај ми шанса“ и други.

Т. ЈОВАНОВСКИ