КОНЦЕРТ НА БАРОКНА МУЗИКА СО ВЛАДИМИР КОСТОВ И ЦВЕТАНКА СОЗОВСКА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска вечерва (11 август) ќе одржат концерт со барокна музика во рамките на 66. Охридско лето. Концертот е во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Созовска дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Борис Романов. Се усовршувала на Кралскиот конзерваториум во Хаг, каде што специјализирала чембало и барокна музика, а во 2002 магистрирала музика. Повеќе од 20 години живее и работи во Хаг.

Владимир Костов дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје во класата на Михајло Куфујонакис. Камерната музика е значаен дел од неговата кариера. Бил водач и член на повеќе камерни оркестри и ансамбли. Тој е основач на Фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“ и добитник на наградата „Георги Божиков“. Работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.