КОНЦЕРТ НА УЧЕНИЦИТЕ ПО ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА ОД „ЛУЈ“ СО ПЕСНИ ОД АРХИВАТА НА ТРПКО БИЦЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утревечер (9 април) од 19:30 часот, во Музејот на македонската борба во Скопје ќе се одржи концерт на учениците од насоката за традиционална музика и игра од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Концертот е со наслов „Мелодија што трае“ и е инспириран од богатата музичка оставина на етномузикологот Трпко Бицевски.

Концертот е завршница на семинарот реализиран под менторство на проф. д-р Драган Даутовски, со поддршка од професори и млади таленти од насоката за традиционална музика.

На концертот ќе се изведат над 15.000 мелографски записи од Егејска Македонија, кои сега повторно добиваат глас, оживеани преку посветеноста на професорите Гордана Тасева-Илиевска, Мелита Ивановска, Вера Милошeвска-Јосифовска, Тијана Јаневска, Ленче Димовска и Антонио Стојчески. Во уникатниот состав од чалгиски и народни инструменти се професорите по народни инструменти Тимко Чичаковски, Христијан Николовски, Оливер Настовски, Драги Полизовски и Александра Кузман, а е оркестриран од Даутовски и Тимко Чичаковски“, велат од средното музичко училиште во Скопје.