ОТСЕКОТ ЗА ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА И ИГРА ВО „ЛУЈ“ СО КОНЦЕРТ ЌЕ ПРОСЛАВИ 25 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (1 јуни) од 20 часот, во Националната опера и балет ќе се одржи јубилеен концерт на учениците од отсекот традициски играч-пејач на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

„Повод за концертот е 25 години постоење на одделот за традиционална музика и игра. Ќе настапат сегашни и поранешни ученици кои денес се професионалци во НУ ‘Танец’“, велат од училиштето.

 

Следните два дена, „Луј“ продолжува со завршните концерти. Утре (2 јуни) од 20 часот, концерт ќе одржат учениците од отсекот класичен балет, а следниот ден од 20 часот во Музејот на македонската борба ќе настапи вокално-инструменталниот оддел.

 

Традиционалниот концерт „Младите доаѓаат“ ќе се одржи на 4 јуни од 20 часот во Филхармонијата. Овој настан е посветен на талентираните ученици од државните музички училишта во Македонија кои ќе свират со оркестарот на Филхармонијата. Диригентка е маестра Бисера Чадловска.