КОНЦЕРТОТ НА СЕВЕРИНА ВО СКОПЈЕ ОДЛОЖЕН ЗА 5 ДЕКЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поради здравствени причини се одложува концертот на хрватската поп-ѕвезда Северина кој требаше да се одржи во Скопје на 18 април во салата „Борис Трајковски“, објави продукција „Прагма“. Новиот датум е 5 декември, во истата сала. Северина го одложи и концертот во Копрвиница, Хрватска.

„Сите купени билети ќе важат за новиот термин. За оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат на новиот датум, ќе биде овозможено враќање на средствата до 21 април, со приложување на билетите на местото на купување, а за онлајн билетите преку [email protected]“, велат од „Прагма“.

Скопскиот концерт е дел од нејзината регионална турнеја насловена „Јас само пеам“ (Ја само пјевам) насловена по една од нејзините песни.

Северина Вучковиќ на концертот во преполната сала „Борис Трајковски“ во Скопје на 30 март во 2024 се расплака пеејќи ја песната „Родено мое“ (Rođeno moje) која му ја посвети на синот Александар.

„Оваа песна ретко ја пеам, затоа што ме потсетува на моменти на кои не сакам да се сеќавам”, рече хрватската поп-ѕвезда. Песната, таа ја сними во периодот кога судот ѝ го одзема старателството над синот и го додели на поранешниот сопруг Милан Поповиќ.

„Им благодарам на сите мајки на трибините кои ги научија децата да ги пеат овие песни“, додаде Северина.