КОНЦЕРТОТ НА ШУМАН ЗА НЕГОВАТА КЛАРА ВЕЧЕРВА ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ирскиот пијанист Бери Даглас вечерва ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар оп. 54 од Роберт Шуман, на концертот насловен „За Клара“, што ќе се одржи во Филхармонијата од 20 часот. Ќе диригира Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се и Шпанско капричо оп. 34 од Николај Римски-Корсаков и Италијанско капричо оп. 45 од Петар Илич Чајковски.

Даглас ќе го изведе емотивното дело на Роберт Шуман, што тој го посветил на неговата жена и најголема љубов Клара Шуман. Во 1837, три години пред да се земат, Шуман ѝ напишал писмо на Клара во која ги сумирал своите идеи за големо музичко дело за пијано, од што произлегол Концертот за пијано и оркестар оп. 54.

„Амбицијата на млад композитор е очигледна во ова дело, но ќе поминат дури осум години додека не биде премиерно изведено. Го извела Клара Шуман во 1846 година“, велат од Филхармонијата.

Даглас важи за оригинален пијанист со препознатлива лирика во изразот и автентичен пијанистички сензибилитет. Критичарите го нарекуваат „титан на пијаното“.