ЛЕГЕНДАРНИОТ „АРТ АНСАМБЛ ОФ ЧИКАГО“ НА СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ЈА ЗАВРШУВА ТУРНЕЈАТА ЗА 50-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
©Roger Thomas 2017 - [email protected] /The Art Ensemble of Chicago / Cafe Oto, London / Wed 1st February 2017 / Roscoe Mitchell - flute, saxes / Hugh Ragin - trumpet, flugelhorn and piccolo trumpet / Junius Paul - double bass / Don Moye - drums /

Освен 50 години на германската издавачка куќа „И-Си-Ем“, на 38. издание на Скопскиот џез фестивал се одбележува уште еден полувековен јубилеј.

Легендарниот авангарден џез колектив „Арт ансамбл оф Чикаго“ вечерва од 22 часот ќе настапи и во Скопје во рамките на својата славеничка светска турнеја, што ќе биде негов единствен концерт во Југоисточна Европа. Предводен од 79-годишниот Роско Мичел и Дон Моаје (73), „Арт ансамбл оф Чикаго“ важи за една од најзначајните појави во историјата на џезот, која во својата музика вклучува широка палета на инструменти.

„Оваа група го промени изгледот на џезот, особено на она што се нарекува ‘грејт блек мјузик‘. Ова ѝ е единствен концерт во Југоисточна Европа и последен на турнејата. Има најава дека потоа ќе одат на пауза, па ова може да биде запишано како нивни последен концерт во Европа воопшто“, рече директорот на Скопски џез фестивал Оливер Белопета.

Вечерта во 20 часот ја отвора норвешкиот пијанист и композитор Јон Балке, кој во Скопје доаѓа со еден од своите многубројни состави, „Батаграф“.

Овие концерти ќе се одржат во Националната опера и балет, а ќе има и полноќен дел во Младински културен центар, каде што Џијан Емин ќе го претстави својот најнов музички пакет – „Меџикл оркестра“, во кој обединува симфониски оркестар и биг бенд.